понеделник, 7 јануари 2013 г.

Божиќна порака


Во најновиот број на Политикин Забавник прочитав многу интересна статија за еден навистина необичен божиќен обичај(многу ми се допаѓа ова необичен-обичај). Па бидејќи сите сме расположени во божиќниот дух, да ја споделам. Имено се работи за обичај којшто е присутен во некои делови на Шпанија, Италија и Франција. Главните ликови ги играат т.н.   „el caganer“-и, на каталонски јазик, што во превод би значело: „оној кој кака“. Токму во ваквата секојдневна активност се претставени разни фигурини, најчесто со ликот на познатите личности или пак со ликот на  карактери од цртани филмови.




Иако вршењето нужда е чин за кој не се зборува многу често, овде ситуацијата е обратна. Овие фигури се широко распространети во гореспоменатите европски земји и дури преќутно се одобрени од римокатоличката црква (како што кажува нашиот забавник). „ El caganer “-ите на широко се продаваат во многу маркети, на разни тезги и може да се забалежат во домовите како украс. Како и да е, овие фигури не се „вчерашни“. Се верува дека настанале некаде околу почетокот на XVIII век во областа Каталонија во Шпанија, каде на некој му паднало на памет да направи фигура од селанец како се „олеснува“. Етнологот и фолклорист Joan Amades, по потекло од овој регион на Шпанија, го објаснува овој обред со симболиката за плодност. Со создавање фекалии, се оплодува земјата. За време на овие празници, токму плодноста е најзначајната потреба на човекот. Таа се манифестира преку бројни обреди во културите ширум светот, секако во различна форма. Епа каталонците си ја избрале оваа форма, како преку глорифицирање на изметот, одлика на сите луѓе и со тоа ги изедначува без разлика на нивните верски, етнички, полови или статусни разлики. И ова може да биде објаснување за појавата на оваа интересна фигура. Политикин Забавник нé потсетува дека не за џабе се вели: „Одам кај што царот оди пешки“. Со оваа изрека јасно се потенцира изедначувањето на обичните луѓе со елитата. Интересно е колку една ваква навидум смешна, или пак некој може да рече ступидна фигура, нé доведува до заклучок дека природата иако создала разлики меѓу нас луѓето, сепак сите ние имаме една иста потреба....


   
Јана Коцевска